Ѓорѓи Здравев (1941 г., Радовиш – 2007 г., Скопје) е еден од најистакнатите македонски етнолози и истражувачи на народната облека и на народните текстилни изработки. Тој бил професор по етнологија, костимографија и историја на костумот. Бил истакнат костимограф и применет уметник – костимограф, кој дал голем придонес во развојот на театарската костимографија и на современиот македонски војнички празничен костум. Посебно значаен е придонесот на Ѓорѓи Здравев за презентацијата на македонските етнографски материјали од Рускиот државен музеј, од кои голем дел се состојат од носии и делови од носии од другите источни, југоисточни и јужни делови на етничка Македонија (денес во државните граници на Република Бугарија и Република Грција), кои до деведесеттите години на ХХ век беа, главно, непознати за стручната и за пошироката културна јавност.
Во 1997 година бил добитник на наградата за наука „Гоце Делчев“ што ја доделува Министерството за наука на Република Македонија, како општествено признание за неговата објавена монографија „Македонски народни носии 1“, Скопје 1996. Во 2006 година ја добил престижната награда „13 Ноември“ за неговата последна објавена монографија „Македонски народни носии: Ткаеници, везови, плетила, китење и накит“, во издание на Матица македонска (2006).
Кратка биографија и образование
Ѓорѓи Здравев е роден во 1941 година во Радовиш. Основно и средно образование завршил во Скопје, а Академија по применети уметности на отсекот Костимографија завршил во 1967 година во Белград. Истата година, на истата Академија, била отворена Катедра за постдипломски студии каде што запишал III степен студии во класата на проф. Павле Васиќ и, како кандидат со највисок просек, бил примен како единствен студент на III степен студии. Студиите ги завршил во 1972 година со темата „Благородничкиот костум во Македонија во XIV и во XV век“ („Plemićki kostim u Makedoniji u XIV i XV veku“).
Во 1981 година на Катедрата за етнологија при Филозофскиот факултет во Белград му била одобрена докторска дисертација на тема „Социјалните и естетските аспекти на македонските народи носии“, којашто успешно ја одбранил во 1991 година.
Работа во институција
Една година по завршувањето на средното образование во 1961 година, на дваесетгодишна возраст, Ѓорѓи Здравев започнал да работи како наставник по ликовно воспитување во Радовиш. По завршувањето на Академијата за применета уметност, отсек Костимографија, во 1967 година во Белград, како стипендист на конфекцијата „Македонка“, една година работел како моден креатор – дизајнер во конфекцијата „Македонка“ во Штип.
Во периодот 1968 – 1969 година Ѓорѓи Здравев бил на отслужување на воениот рок во Белград и како војник во Интендантскиот институт бил вклучен во подготовка на Студија за измена на униформата и во меѓувреме работел врз Распоредот на ордените на Претседателот на Републиката – Тито, за редовни прилики. По отслужувањето на воениот рок, кон крајот на 1969 година, Ѓорѓи Здравев се вработил во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и во 1970 година бил избран за асистент истражувач на текстилното народно творештво.
Од почетокот на 1973 година работел на текстилниот отсек во Училиштето за применета уметност во Скопје, како професор по текстилен дизајн. Следната година се вратил во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ каде што бил избран за научен соработник и за раководител на Отсекот за народна орнаментика. Од 1.4. до 31.10.1975 година и од 1.6.1978 до 15.3.1979 година бил вршител на должноста директор во Институтот за фолклор. Ѓорѓи Здравев работел во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје 24 години, најпрво како асистент, па како научен соработник и виш научен соработник – истражувач на текстилната народна орнаментика и на народната носија.
Од 1993 до 1999 година работел на Институтот за старословенска култура во Прилеп како научен советник, а во 1999 година бил избран во звањето вонреден професор на Заводот за етнологија на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се пензионирал.
Извесен период, од 1983 до 1986 година, и во 1994/1995 година, предавал Костимографија на Факултетот за ликовни уметности. Во 1985 година бил избран за доцент, а во 1991 година бил избран за вонреден професор на Факултетот за ликовни уметности по предметот Костимографија и историја на костумот. Во периодот 1993 – 1995 година истиот предмет го предавал во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, и неговите ученици биле носители на златни плакети за учество на „Модест 94“ и „Модест 95“.
Паралелно со научноистражувачката дејност, Ѓорѓи Здравев се занимавал со уметничка дејност од областа на ликовната и применетата уметност. Со неговите уметнички дела реализирал бројни самостојни изложби, а од 1970 година учествувал на сите групни изложби на ДЛУПУМ, во Македонија и во странство. Со неговата потесна специјалност – костимографијата, Ѓорѓи Здравев реалзирал голем број театарски, телевизиски и филмски уметнички остварувања.
Ѓорѓи Здравев повремено се занимавал со создавање театарски костими, кои ги има изложувано на неколку самостојни и на голем број групни изложби во Македонија и во странство. Освен Стериината награда за костимографија во Нови Сад во 1975 година, Ѓорѓи Здравев ја добил Наградата за најдобар креиран костим во Нови Сад во 1975 година и наградата „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1987 година. Во 1980 година, Ѓорѓи Здравев бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец. Во 1987 година ја добил наградата „Бигорски следбеници“ за повеќегодишна дејност (ДЛУПУМ).
Учесник како стручно лице од областа
– Член на стручното жири на Белградскиот саем „Мода во светот“ во: 1975, 1976, 1978, 1979 и 1980 година;
– Член на жири-комисијата на манифестацијата „Ревија на народни носии“, Струга, во: 1976, 1983 и 1984 година;
– Член на стручното жири на Скопскиот саем „Модест 82“ и „Модест 84“;
– Член на оценувачката комисија на секцијата Костимографи на ДЛУПУМ на „Модест 82“ и „Модест 84“;
– Член на стручното жири на „Модната ревија на скопските бутици“, Скопје, 1984 година;
– Учество во стручно-оценувачки комисии од областа на народното ликовно творештво, на народни собири и на други настани како предавач;
– Предавач за народната носија во Македонија на „Летната школа за фолклор“, на островот Паг во 1979 година и на островот Корчула во 1982 година;
– Учество на „Ревијата на народни носии“ во Струга во 1983 и 1984 година, на Тркалезната маса со воведни реферати со темата „Примената и адаптацијата на народната орнаментика во современата текстилна индустрија“;
Учество со реферати од областа на народното ликовно творештво на повеќе меѓународни, југословенски и републички научни собири во Питсбург, Милвоки, Охрид, Крушево, Чаплина, Берово, Битола, Тетово, Радовиш и на други места.
2005. Македонски народни носии: Ткаеници, везови, плетила, китење и накит / Macedonian folk costumes: Weavings, embroideries, knittings, adornment and jewellery. Скопје: Матица македонска.
1998. Текстилното народно творештво и народната носија во Титоввелешко. Посебни изданија 22. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“.
1976. Народните тантели сорки во Овчеполието. Посебни изданија 5. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“.
За време на работењето во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, Ѓорѓи Здравев учествувал во сите проекти на институцијата, од кои, во рамките на меѓународниот проект „Споредбени монографии за едно јужно и едно северно село на Словените“, бил организиран истражувачки престој во Полска, при што било реализирано теренско истражување во селата Пјентки и Твароги. Во Збирката на Ѓорѓи Здравев во Дигиталниот архив за етнолошки и антрополошки ресурси (ДАЕАР) на Институтот за етнологија и антропологија се архивирани и зачувани теренски материјали и фотографии од ова истражување и од овој проект.
Ѓорѓи Здравев бил член на голем број комисии, бил предавач на голем број школи за применета уметност, етнологија и фолклор. Во најголем дел, неговите предавања биле поврзани со неговиот најдолготраен интерес за македонската народна носија, од каде што произлегува и неговата тесна специјалност.
Статии
2007. „Makedonya'daki Yörüklerin tekstil halk yaraticiliğinin incelenmesine ait bir çalişma“. Uluslararasi Türk Halk Kültürü Sempozyumu Bildirileri, Çalikli, Valandova, Makedonya: 1996–2000. Üsküp: MATÜSITEB (Makedonya Türk Sivil Toplum Teşkilatlari Birliği); Çalikli, Valandova: HID BAH ŞEN FEST, 119–125.
2004. „Народната носија во Голо Брдо“. Живот на граница: Голо Брдо (зборник на трудови). Скопје: Македонско етнолошко друштво.
2003. „Народната носија во Порече“. 70 години од истражувањата на Јозеф Обрембски во Порече, Р Македонија. Меѓународен научен собир, Самоков, 14 – 16 септември 2001. Прилеп: Институт за старословенска култура, 301–312.
2001. „Типологизација и класификација на македонските народни носии / Typology and classification of the Macedonian Folk customes“. ЕтноАнтропоЗум 1. Скопје: Завод за етнологија, 42–53.
2001. „Носиите во Горновардарската етнографска целина“. Предавања на XXXIII меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид, 5 – 25 август 2000 година. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, 209–228.
2000. „Аристократијата (благородништвото) во Македонија на фреско-живописот од XIV век“. Balcanoslavica 26–27. Прилеп: Институт за старословенска култура, 59–72.
1999. „Носиите и празнувањата“. Македонија 45/558, 15 септември. Скопје: Матица на иселениците, 22–23.
1999. „Естетски форми и појави при обликувањето на народните носии: Везени кошули за дарови“. Македонија 45/554, 15 јули. Скопје: Матица на иселениците, 30–31.
1999. „Носиите во брсјачката етнографска целина“. Предавања на XXXI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид, 3 – 20 август 1998 година. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, 191–204.
1999. „Трансформација на некои форми од областа на народното ликовно творештво во современиот живот“. Фолклорните импулси во македонската литература и уметност на XX век: Зборник на трудови од Меѓународниот научен собир во Скопје, 23 – 24 октомври 1998. Скопје: МАНУ, 361–372.
1998. „Ориентално-турското влијание врз облекувањето во Македонија“. Balcanoslavica 25. Прилеп: Институт за старословенска култура, 81–92.
1997. „Прилог кон проучувањето на народниот накит и китењето во Македонија“. Balcanoslavica 19–21/1992–1994. Прилеп: Институт за старословенска култура, 85–97.
1997. „Носијата на Мијаците“. Предавања на XXIX меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид, 8.VIII – 29.VIII 1996 година. Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, 155–187.
1997. „Естетските аспекти на македонските народни носии“. Народно творештво на почвата на Македонија. Прилози за истражување на историјата на културата на почвата на Македонија 6. Скопје: МАНУ, 157–206.
1996. „Типологизација и класификација на македонските народни носии“. Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ, 177–184.
1996. „Македонските народни носии според намената и функцијата“. Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ, 185–198.
1996. „Костимирањето и маскирањето во зимските обредни игри во Македонија“. Обичаи со маски: Трудови од Меѓународниот симпозиум одржан во Вевчани – Струга 1996 г. Скопје: Музеј на Македонија, 63–69.
1998. „Театралноста во македонската фолклорна свадба“. Македонската драматика/драматургија помеѓу традицијата и современоста: Зборник на трудови. Јелена Лужина (прир.). Прилеп: Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, 99–108.
1998. „Ориентално-турското влијание врз облекувањето во Македонија“. Balcanoslavica 25. Прилеп: Институт за старословенска култура, 81–91.
1998. „Празнично облекување при колективното прославување на селските празници во македонското патријархално село“. Етно-културолошки зборник IV. Сврљиг: Етно-културолошка радионица, 85–90.
1995. „Облекувањето во Македонија во минатото“. Бјанка II/4, август/септември. Скопје: НИП „БИГ цо“, 27–30.
1991. „Некои социјални аспекти на македонските народни носии“. Македонски фолклор XXII/44. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 17–30.
1988. „За некои симболи и симболички форми во македонското текстилно народно творештво“. Зборник радова XXXV конгреса СУФЈ – Рожаје, 26 – 29. септембра 1988. Титоград: СУФЈ, 636–642.
1986. „Текстилното народно творештво во Радовишко-струмичкиот регион“. Зборник од XXXI конгрес на СЗФЈ во Радовиш 1984. Скопје: СЗФЈ, 65–70.
1986. „Зооморфни и антропоморфни мотиви во македонското текстилно народно творештво“. Македонски фолклор XIX/38. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 269– 273.
1986. „Обид за анализа на значењето на свадбената носија и нејзината орнаментална декорација“. Во коавторство со Јадвига Кошутска и Аница Петрушева. Македонски фолклор XIX/37. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 15–23.
1985. „Јуручка свадба во с. Коџалија – Радовишко“. Македонски фолклор XVIII/36. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 115–118.
1985. „Некои согледувања за сценското презентирање на народната носија“. Zbornik radova XXXII kongresa SUFJ. Sombor: SUFJ, 611–614.
1984. „Народното творештво и неговата примена во современиот живот“. Билтен на Културно-просветната заедница – Струга 3. Струга: Културно-просветна заедница – Струга, 13–16.
1984. „Современата состојба на текстилното народно творештво во Македонија“. Македонски фолклор XVII/34. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 83–87.
1983. „Текстилното народно творештво и неговата примена во индустријата“. Билтен на Културно-просветната заедница – Струга 2. Струга: Културно-просветна заедница – Струга, 21–24.
1981. „Ориенталните тантели и тантеларски техники во Македонија“. Македонски фолклор XVI/31. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 151–155.
1981. „За некои појави и верувања во врска со текстилното народно творештво во Битолско“. Во коавторство со Лепосава Спировска. Фолклорот и етнологијата на Битола и Битолско. Скопје: МАНУ – Битола: Друштво за наука и уметност – Битола и УНК „Илинденски денови“, 173–281.
1980. „Современата состојба на текстилното народно творештво во Малешево“. Зборник од XXV конгрес на СЗФЈ во Берово. Скопје: СЗФЈ и ЗФМ, 87–90.
1980. „Мотивот ’Ѕ‘ во македонската текстилна народна орнаментика“. Македонски фолклор XIII/26. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 69–73.
1979. „Мотивот ’лоза‘ во македонската текстилна народна орнаментика“. Македонски фолклор XII/23. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 139–44.
1977. „Односот на луѓето од прилепскиот крај спрема везот“. Зборник од XIX конгрес на СЗФЈ во Крушево 1972. Скопје: СЗФЈ и ЗФМ, 69–73.
1976. „Traditional textile art in Yugoslavia“. The Folk Art of Yugoslavia: Papers presented at а symposium. Pittsburgh, Pennsylvania: DUTIFA, 49–63.
1975. „Играта ’џамала‘ во Агино Село (Кумановско)“. Македонски фолклор VIII/15–16. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 369–373.
1974. „За некои карактеристики во носијата на сточарските предели Мариово и Река“. Rad kongresa SUFJ – Čapljina 1974. Sarajevo: SUFJ, 285–291.
1974. „Везилките се откриваат зиме“. „Починка“ – додаток на дневникот „Нова Македонија“, септември 1974.
1973. „Цвеќето во македонската текстилна народна орнаментика“. Македонски фолклор VII/13. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 79–82.
1971. „За три симбола во македонската текстилна народна орнаментика“. Македонски фолклор IV/7–8. Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 187–193.
Бројката на проекти со кои раководел и во кои учествувал Ѓорѓи Здравев е голема. Во периодот на неговата дејност во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, Ѓорѓи Здравев учествувал во сите проекти на оваа институција:
„Современата состојба на текстилното народно творештво во Радовишко-струмичкиот регион“;
„Орнаменталната декорација на македонските народни носии“, што се реализирал од 1988 година;
„Споредбени монографии на едно северно и едно јужно село на Словените“ – тема што ја реализирале соработниците на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и соработниците од Катедрата за етнологија и културна антропологија при Варшавскиот универзитет во Полска. Оваа соработка Ѓорѓи Здравев ја истакнал како посебна бидејќи контактите со истакнатите полски етнографи им отвориле нови видици во проучувањето на народната култура од разни аспекти, посебно поврзани со проблематиката на народната носија и на нејзината општествена улога. Тој забележал дека оттогаш започнал да ја разгледува носијата со нејзината комплетна, целосна намена во сите нејзини функции. Ваквиот приод овозможил носијата да се анализира како систем на знаци, при што терминот „знак“, според Здравев, може да се подразбере како предмет, состојба, настан или појава што функционира во процесот на комуницирањето на луѓето во дадена општествена, односно во дадена селска заедница. Ваквиот начин на разгледување на народната носија го применил во неговата монографија „Македонски народни носии“, каде што со еднакво внимание ги анализирал нејзините општествени функции: практичната, естетската, празничната, обредната, обредно-магиската функција како показател на определениот статус, односно на определената општествено-социјална положба, функцијата како показател на определна возраст, функцијата како показател на определено занимање, функцијата како показател на економската моќ и други.
Во текот на неговата дејност во рамките на Институтот за старословенска култура во Прилеп, основна преокупација на Ѓорѓи Здравев била работата на проектот „Облековната култура во Македонија од најраниот историски период до крајот на минатиот век“. Предмет на истражување била облековната култура во Македонија во определените временски рамки, што се разгледувала од историски, етнографски, социолошки и естетски аспект. Работата на собирањето и проучувањето на материјалите од оваа област била прилично специфична поради тоа што предмет на анализа биле материјали што најчесто имале практична примена, со што тие биле подложни на кршливост и губење. Тука треба да се земат предвид и општествено-историските потреси што на свој начин нанесувале нагли промени и уништување на материјалната култура.
Откако го напуштил Институтот за фолклор, во текот на 1995 година, од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците, Ѓорѓи Здравев бил ангажиран како главен истражувач на еден интересен проект што Заводот започнал да го реализира во рамките на меѓународната соработка преку познатата американска фондација „Earthwatch“ под наслов „Македонскиот идентитет во носијата, накитот и објектите на воден погон“, чија основна цел била, преку откривање, евидентирање и регистрирање на објекти од областа на народните носии, накитот и објектите на воден погон, да се заштити дел од македонското етнолошко културно наследство.
Ѓорѓи Здравев бил ангажиран во проектот на Музејот на град Скопје „Музејското културно наследство во странските колекции“. Во овој проект, интересот бил насочен кон збирката народни носии и етнографски материјали од Македонија, кои потекнуваат од средината на ХIX век, собрани од познатиот славист, етнограф и археолог Стефан И. Верковиќ, што се чуваат во Државниот етнографски музеј на Русија во Санкт Петербург. Овие материјали Стефан И. Верковиќ ги испратил во Русија со цел да бидат изложени на првата светска словенска изложба што била реализирана во 1867 година. За содржината на Збирката на Верковиќ, Ѓорѓи Здравев забележал:
– „Материјалите се чуваат во фондови, во ракописниот и фотоархивот на Државниот етнографски музеј на Русија во Санкт Петербург. Станува збор за колекција на предмети (150 експонати) што ја сочинуваат главно носии (носии или делови од носии), музички инструменти и текстови на 57 листа, кои содржат историски и етнографски податоци за населението на истражуваните краишта.
– Во Архивот на Музејот постојат одделни записи на обреди и обичаи. Вредноста на колекцијата особено е зголемена од присуството на детални карактеристики на носиите за начинот на нивното носење и украсите, за локалните називи на одделни елементи на носиите и за нивната функционална определба.
– Собраните материјали се оформени во 9 писма адресирани до професорот на Московскиот универзитет Н. А. Попов. Куса карактеристика на 4 носии е презентирана во систематскиот каталог на Етнографскиот музеј“ (ДАЕАР на ИЕА, ПМФ, УКИМ, Скопје).
Од телевизиските проекти од посебна важност е учеството на Ѓорѓи Здравев како костимограф во серијата „Бушава азбука“ во 31 епизода, снимена во 1985 година.
Уметничка дејност
Изложби
1961 г.
Изложба на слики и цртежи, Кочани (по повод радиоемисијата „Натпревар на градовите“, Радовиш – Кочани).
1967 г.
Самостојна изложба на слики и цртежи, Радовиш.
1967 г. и 1968 г.
Изложба на ДЛУС во Штип, Куманово и Битола.
1972 г. – 2007 г.
Како член на ДЛУПУМ учествувал на сите колективни изложби на кои изложувале членовите костимографи.
1973 г.
Самостојна изложба на модни цртежи и костими, Скопје.
1981 г.
Изложба на сценографија и костимографија (по повод 35 години на МНТ), Скопје.
1983 г.
IV прашко квадриенале, Прага.
1985 г.
„Мајки салон“, Белград.
1985 г.
Изложба во Домот на младите „25 Мај“, Скопје.
Театарски претстави
– На сцената на Драмскиот театар во Скопје: „Црна комедија“, „Грдиот Нарцис“, „Ескуријал“, „Слепци“, „Легенда за Бошко Буха“, „Хенри IV“, „Јане Задрогаз“, „Чук, чук Стојанче“, „Џинот“, „Баш Челик“, „Цар Едип“, „Ослободувањето на Скопје“, „Рибарски караници“, „Шекспир во приказни“, „Џон Пиплфокс“, „Столици“, „Косанчиќев венец“, „Чудото на Св. Ѓорѓи“, „Дупло дно“, „YU антитеза“, „Ловџиска приказна“, „Бура“, „Калигула“, „Кумови“ (Драмски театар и Охридско лето), „Амадеус“ (Драмски театар и Охридско лето).
– На сцената на Домот на младите „25 Мај“ во Скопје: претставата „Лет во место“.
– На сцената на Македонскиот народен театар: претставата „Време за пеење“.
– На сцената на театарот на народностите во Скопје: „Антигона“ и „Поглед кон мостот“.
– На сцената на Народниот театар во Штип: „Зона Замфирова“, „Тој“, „Кир Јања“, „Без болест болна“, „Танго“, „Хитлер меѓу партизаните“, „Седумтемина“, „Огниште“, „Преноќиште“, „Полнета птица“, „Усреќеници“ и други.
– На сцената на Народниот театар во Куманово: „Сламената шапка“, „Бурна ноќ“, „Мустаќите на Рококајко“ и „Нажалена фамилија“.
– На сцената на Народниот театар во Прилеп: претставата „Солунски патрдии“.
– Универзална сала во Скопје: претставата „Билет за пеколот“.
Други костимографски остварувања
– „Нинџа желки“, во реализација на „Детска радост“ – Скопје, 1991 година.
– „Ангели на отпад“, во реализација на „Вардар филм“ – Скопје, 1994 година.
Телевизиски емисии
– Костимографија за телевизискиот проект „Бушава азбука“, реализација МРТВ, режија: Горан Стефановски, музика: групата „Леб и сол“, 31 епизода.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 | 24 |
| 25 | 26 | 27 | 28 | 29 | 30 | 31 |
| 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 |
| 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 |
| 15 | 16 | 17 | 18 | 19 | 20 | 21 |