Пролетна школа „Етнографија на социјализмот“


Мисија:

Пролетната школа „Етнографија на социјализмот“ има цел да разработува теми и проблематики од сферата на општественото, економското, политичкото и, воопшто на културното живеење во периодот на социјализмот во СФР Југославија низ компаративен пристап со останатиот дел од социјалистичките земји со цел студентите и другите заинтересирани да се стекнат со знаења и практични истражувачки и применливи вештини за подобро разбирање на социјалистичкиот општествен систем но и општествените и политичките системи во современоста. Приодот на школата е компаративен и ќе овозможува согледување на сличностите и различностите на социјалистичките варијанти во регионот и пошироко.

Период на реализација: 01.05. до 10.05. 2017 г.

Локација: Крива Паланка, Република Македонија

Трошоци за сместување, исхрана и курсеви: 270 ЕУР

Социјализмот како идеологија и како основа за општестено уредување на одреден број земји во светот биле во интересот на истражувачката јавност уште од времето на нивното настанување. Социјализмот бил во фокусот на одреден број истражувачи од земјите кои припаѓаа на овој блок, но многу повеќе бил во фокусот на интерес на „западните“ автори.
Сепак, главниот интерес за социјализмот како идеологија стана поголем дури по неговиот пад и промените кои се случија во земјите на „Источниот блок“, или согласно новата, т.н. постсоцијалистичка номенклатура „земјите од Источноевропскиот блок“, започнати по падот на СССР во почетокот на 1990-те години. Така, од денешна гледна точка, може слободно да се каже дека главните критички антрополошки анализи на социјалистичкото и комунистичкото општество во земјите на Југоисточна Европа се направени дури по падот на овој поредок, и по настапувањето на демократизацијата на овие општества и нивното отворање кон „Западот“. Од почетокот на 90-те години се направени првите антрополошки студии со цел да се испитаат сличностите и специфичностите на социјалистичките општества.
Со оглед на фактот што југословенската социјалистичка федерација имала специфична политичка, економска и идеолошка позиција во однос на социјалистичкиот и комунистичкиот Исток, од една страна, и капиталистичкиот Запад од друга страна, Југославија и Тито биле и се уште се посебно интересни за повеќемина истражувачи.
Сепак, општ заклучок е дека, кога станува збор за Југославија, многу повеќе интерес предизвикаа настаните кои започнаа со нејзиното распаѓање и следеа во годините потоа.
Оттука, сметаме дека, од денешна перспектива се чувствува исклучително голема потреба од што посуптилно запознавање со природата на социјализмот како идеологија и неговото практикување во секојдневието, кое оставило длабоки траги и сеќавања. Тргнувајќи од теоријата за конструираниот карактер на сеќавањата и спомените на Морис Холбах, кој постулирал дека поголем дел од спомените се реконструкции на минатото со помош на случувањата во сегашноста. Спомените не се никогаш само едноставни записи од минатото, туку интерпретативни конструкции кои ги носат отпечатоците на локалните наративи, на културните вредности, на општествениот дискурс и на практичното дејствување во општествениот контекст, што отвора дополнителни можности заинтересираните студенти, интелектуалци и други да го разберат овој систем и посуптилно да навлезат во природата и карактерот на комлексната појава што најчесто се нарекува југоносталгија.  

Цели на Школата:

Пролетната школа има за цел да им понуди на заинтересираните учесници што е можно подетални податоци и анализи на најзначајните карактеристики и специфичности на социјалистичкото уредување и комунистичката идеологија и нивните рефлексии врз секојдневното живеење на обичните луѓе. Ќе се изучуваат динамиката на формирањето на личните и на колективните сеќавања за социјалистичкото минато и нивното влијание врз современото поимање на културното наследство и идентитетот. Исто така, целта е да се направат компаративни анализи или барем да се понудат студии на случај од кои ќе може да се утврдат главните сличности и разлики во практичната примена на социјализмот и комунистичката идеологија во СФР Југославија и земјите од поранешниот источен блок.
Врз основа на анализата на идеолошките концепти за општественото и економското уредување на социјалистичките системи, како и низ проучување на емпириски примери на терен, целта ќе биде да се дискутираат најзначајните обрасци на социјалистичкиот морал, примери на реализација и реперкусиите кои тие ги извршија во функционирањето на социјалистичкото општество на повеќе нивоа и во различните периоди од трансформацијата на социјалистичкиот систем кој, исто така, поминуваше низ многу промени.
Посебно ќе се проучуваат и дискутираат местото и значењето на семејството и родовите карактеристики во социјалистичкото општество, потоа култот кон војникот и армијата, кој прерасна во своевидно величање на Југословенската армија, потоа ќе бидат разгледани местото и улогата на медиумите, посебно пишаните во креирањето или јакнењето на социјалистичката и комунистичка идеологија ’на теренот’, ќе бидат анализирани миграциските движења како оние од село – град, исто така и погореспоменатите ’доброволни’ миграции на населението од едни делови на Југославија во други, кои придонесоа за значително променување на популациските карактеристики според етнички, верски и др. карактеристики.  Ќе се проучуваат некои примери на граѓанско здружување во периодот на социјализмот, со посебен акцент на влијателните здруженија на борци и сл.

Форми на реализација на Школата:

  1. Во текот на реализацијата на пролетната школа ќе се организираат по три курса низ кои ќе се обработуваат специфични тематики од социјализмот и еден курс посветен на теориско-методолошките пристапи во проучувањето на социјализмот со реализација на теренска истражувачка работа за учесниците;
  2. Реализација на теренско истражување во период од 7 дена со завршно презентирање на резултатите;
  3. Придружни и факултативни активности од сферата на културното наследство на социјализмот: музика, филм, театар и сл.

ПРОЛЕТНА ШКОЛА ЗА ЕТНОГРАФИЈА НА СОЦИЈАЛИЗМОТ - линк


Следни испити

Септември/Октомври
П В С Ч П С Н
2526272829301
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
сите

Резултати од испити

по датум     по предмет


© 2017. Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.