Развојот на Библиотеката на ИЕА, главно, е резултат на општите процеси кои се случувале во Македонија, а се поврзани со развојот на етнологијата и антропологијата како академски дисциплини. Со формирањето на Семинарот за етнологија при Филозофскиот факултет уште во 1925 година, започнува да се формира специјализирана збирка публикации од областа на етнографијата, етнологијата и антропогеографијата.
По формирањето на Семинарот за етнографија и етнологија во 1946 година, веќе во следните неколку години, проф. д-р Бранисав Русиќ се зафатил со основање и опремување на Библиотеката на Семинарот. До 1966 година, како резултат на преземање на вишокот книги од Народната библиотека во Скопје, како и со купување книги од сопствени средства, оваа Библиотека имала околу 1300 библиографски единици. По укинувањето на Семинарот во 1953 година, односно по издвојувањето на Природно-математичкиот факултет од Филозофскиот факултет во 1958 година, фондот на библиотеката е преселен на Географскиот институт. Во периодот до формирањето на студиите по етнологија на Институтот за географија од 1988 година не е вложувано во набавка на стручна етнолошка литература.
Од започнувањето на работа на Заводот за етнологија при Институтот за географија, па сe до 2005 година е набавувана само најнеопходната домашна и странска литература од областа на етнологијата и антропологијата. По формирањето на Институтот за етнологија и антропологија во 2005 година, се води постапка за добивање на книгите со етнолошка и антрополошка содржина, кои според библиотечната евиденција, припаѓале на студиите по етнологија.
Во 2002 година е формирана Збирка на проф. д-р Џоел Мартин Халперн, во која покрај останатите обемни архивски етнографски материјали, има повеќе пд 1200 библиографски единици, главно на англиски јазик, кои се од посебно значење за Институтот за етнологија и антропологија.
Збирка на проф. д-р Џоел Мартин Халперн
Во текот на септември и октомври 2002 година, доц. д-р Љупчо С. Ристески реализираше студиски престој на Универзитетот во Грац, на Одделението за историја на Југоисточна Европа. Таму, во Библиотеката на Одделението се чува копија од Збирката на проф. д-р Џоел Мартин Халперн и неговата сопруга Барбара Керевски-Халперн. Двајца, сe до денес важат за најзначајни имиња на странски антрополози кои поголемиот дел од својот работен и истражувачки живот го посветиле на проучување на проблемите на Балканот, посебно на поранешна Југославија. Своите првични истражувања ги започнале во 50-те години на XX век. најпрвин ситражувале во Србија, а потоа и во останатите републики на тогашна Југославија. Преку активноста на доц. д-р Љупчо С. Ристески, а во тесна соработка со проф. Џоел Мартин Халперн, во текот на 2003 година се работеше на создавање на Збирката на проф. Халперн за Македонија, која се чува на ИЕА во Македонија, а проектот е целосно реализиран со финансиска поддршка на Институтот Отворено Општество Македонија.
Основната цел беше да се соберат, да се класифицираат и да се архивираат сите материјали што денес се чуваат во Збирката на проф. Халперн во Архивот на Универзитетот во Амхерст, САД, а потекнуваат од Македонија. При научно-истражувачкиот престој на доц. д-р Љупчо С. Ристески на Универзитетот во Амхерст, работата, главно, се изведуваше во домашниот архив и библиотеката на проф. Џ. М. Халперн. Притоа беше направен целосен увид и селекција на материјалите што се однесуваат на Македонија. Работата беше крајно олеснета поради долгогодишната систематичност на проф. Халперн во процесот на архивирање на податоците. Во последните години тој пристапил кон процес на дигитализирање на сите документи и на фото-документацијата, што во огромна мера ја забрза работата. Во Збирката постојат повеќе стотици страници материјали кои се однесуваат на Македонија:;
- Теренски белешки од истражувачките престои во Македонија од 1954 година;
- Ракописи од патувањето на проф. Халперн низ Македонија во 1978 година како резултат на учеството во програмата за збратимување на градовите Скопје и Темпе;
- Една аудио-лента, снимена во селото Волче (во пределот Порече), местото каде што антропологот Јозеф Обрембски истражувал во 1931/`32 година;
- Бази на податоци со исклучително значајни слајдови и фотографии, систематизирани во три различни бази, кои се однесуваат на Македонија.
Проф. Халперн на Институтот за етнологија и антропологија му подари и 1200 стручни публикации (периодични и монографски) од областа на етнологијата и антропологијата кои се подредени во Збирката, така што ИЕА може да се пофали дека ја има една од најрелевантните и најбогатите збирки со антрополошка литература на Балканот за што бескрајно му е благодарен на проф. Џ. М. Халперн.
Збирка на проф. д-р Бранислав Русиќ
Збирката која e формирана од проф. д-р Бранислав Русиќ содржи седумдесет и осум музички плочи со народна музика на различни етнички заедници од светот. Денес е достапна во Архивот на Институт за етнологија и антропологија на ПМФ при Унивезитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје. Списокот од Збирката со музичките плочи со народнана музика од светот, можете да го видите, овде.
Технички секретар и библиотекар на ИЕА:
Игор Петрушевски, дипл. етнолог
E-mail: iea@iunona.pmf.ukim.edu.mk